АКТИВНОСТИСе залагаме за зголемување на свеста за местото и улогата на математиката во науките, технологијата, наставата, природата и културата.
|
45. ПРИМАТИЈАДА (27.04.2018 - 2.05.2018) БУДВА, ЦРНА ГОРА
И оваа пролет студентите од Природно-математичкиот факултет во Скопје активно учествуваа на 45. Приматијада која се одржа во периодот од 27 април до 2 мај во Будва, Црна Гора. Традиционално и оваа година, студентите претставници на природно-математичките факултети од сите бивши југословенски републики се натпреваруваа со своите екипи на повеќе спортски натпревари. Дел од студентите зедоа учество во научниот дел презентирајќи научно-истражувачки трудови од следните области: математика, физика, хемија, биологија, географија и информатика.
Покрај спорт и наука, оваа манифестација веќе долги години им нуди на студентите дружба, забава и проширување на кругот пријатели со свои колеги од други држави. Нашиот факултет со свои екипи учествуваше во спортските натпревари: фудбал, кошарка, одбојка, ракомет, пинг-понг и шах. Сплотеност, соработка и голем труд беа трите компоненти на секој од нашите натпреварувачи кои придонесоа за успешната реализација на натпреварите и одличните резултати. На следните две слики се прикажани моменти од натпреварите на машката екипа во одбојка и женската екипа во фудбал, соодветно.
Имено, во делот спорт беа постигнати следните резултати:
- Прво место за екипите: шах (женски) и одбојка (машки).
- Второто место им припадна на екипите: шах (машки), ракомет (женски) и одбојка (женски).
- Трето место беше освоено во натпреварите фудбал (машки) и фудбал (женски).
Во научниот дел, ПМФ Скопје може да се пофали со освоените неколку втори места од презентацијата на научно-истражувачките трудови од дисциплините: физика, биологија и географија.
Со трудови од научната дисциплина математика, од Институтот за математика учествуваа студентите:
Со трудови од научната дисциплина математика, од Институтот за математика учествуваа студентите:
- Стефан Мирчевски со темата Математички модел за сместување патници во авион. Примена на мешано целобројно програмирање;
- Стево Ѓоргиев и Маја Танчевска со темата Квалитативна анализа на Лотка-Волтер-овиот модел;
- Зорана Костадиновска и Јована Ѓуровска со темата Проблем на синтетска синусна регресија.
Првото место го освои Стефан Мирчевски за трудот во кој беше разработен математички модел за оптимално сместување патници во авион, а притоа пречките меѓу патниците во текот на сместувањето да бидат минимални.
Моделот беше креиран во духот на математичкото програмирање и изграден врз база на мешано целобројно програмирање и неколку стратегии за сместување патници. Стево Ѓоргиев и Маја Танчевска со своето излагање на темата Квалитативна анализа на Лотка-Волтеровиот модел, го освоија второто место.
Нивниот труд претставува поврзување на теоријата на динамички системи со Лотка-Волтеровиот систем на обични диференцијални равенки од прв ред. Поголем акцент беше ставен на определувањето на решенијата на системот и нивна квалитативна анализа. Успешно беше презентирана и темата Проблем на синтетска синусна регресија од Зорана Костадиновска и Јована Ѓуровска, во која се зборуваше за барањето регуларности во податоците и нивно изразување во термини на регресија. Беа разработени два пристапа: фреквенциски пристап и Бејзов пристап.
Пред затворањето на 45. Приматијада, во дворот на хотел „Парк“, Будва, беа изложени постери од сите научно-истражувачки трудови за секоја од дисциплините, изработени од самите автори. Авторите имаа можност уште еднаш да ја презентираат својата тема и да им ги доближат своите идеи на минувачите - љубители на природно-математичките науки.
|
Известува:
Стефан Мирчевски,
Институт за Математика, ПМФ, Скопје
Обjавено на:
10 мај 2018 година
Начин на цитирање на статијата:
С. Мирчевски, 45. Приматијада (27.04.2016-02.05.2016), Будва, Црна Гора, Портал ПОИМ на Институтот за математика, ПМФ, Скопје, 10 мај 2018, http://poim-pmf.weebly.com/primatijada-2018.html
Стефан Мирчевски,
Институт за Математика, ПМФ, Скопје
Обjавено на:
10 мај 2018 година
Начин на цитирање на статијата:
С. Мирчевски, 45. Приматијада (27.04.2016-02.05.2016), Будва, Црна Гора, Портал ПОИМ на Институтот за математика, ПМФ, Скопје, 10 мај 2018, http://poim-pmf.weebly.com/primatijada-2018.html
Авторизираните статии објавени на Порталот подлежат на законска заштита. Се забранува користење на статиите без наведување на авторот или изворот.